WPC (wood plastic composite) или дрво-пластичен композит спаѓа во група на релативно нови композитни материјали кои наоѓаат примена во градежништвото. По својот состав, тој е комбинација од дрвени влакна / прав/пилевина, полимер и адитиви, т.е. додатоци како адхезиви, пигменти,…итн. Може да се рече и дека е еколошки материјал, бидејки за негово производство не се трошат природни ресурси, туку се користи рециклирана пластика и дрвен прав кој е остаток во дрво-преработувачката индустрија.
Дрво-пластичниот композит може да се обликува во било која форма, па така од него можат да се произведуваат нај различни профили и елементи кои се користат во уредување на надворешни амбиенти: подови, патеки, перголи, огради, жардињери, клупи,…итн.
Палета на бои во кои се среќава овој материјал, ги опфаќа земјените тонови: од темно сива, преку окер, до темно кафеава, а површината може да биде мазна, ребреста или со текстура на дрво.
Предностите на еден ваков материјал се бројни:
- има широка примена
- отпорен е на атмосферски влијаниjа
- не скапува и не се распаѓа
- отпорен на UV зрачења
- лесно се монтира
- не бара повторно боење или лакирање
- не го напаѓаат инсекти и габи
- површината не се лизга
Додека неговите мани се:
- повисока цена во однос на другите материјали
- доколку е под директно влијание на сончева светлина, може да ја смени нијансата, т.е. да избледне
Подови од композит
Дрво-пластичниот композит во вид на профили за подни површини се среќава и под име “ Decking”. Профилот за Decking е во вид на даска, но постојат и таканаречени DIY или “ направи сам“ системи во вид на плочки на PVC подлога. Ваков систем , заради лесна монтажа, носи назив “quick deck”:
Композитна даска – Decking
Композитна плочка- Quick deck
За подот од композитни даски, потребни се и дополнителни елементи, како греди за подконструкција, дистанцери, типли и завртки, завршни лајсни, додека за подот од композитни плочки може да биде потребна евентуално само завршна лајсна (L-профил).
Се разбира, за монтажа е потребен и соодветен алат: електрична дупчалка, навртувач, чекан, пила со можност за сечење под агол.
За монтажа на подот од композитни даски, потребно е да се исполнат неколку предуслови и секако да се следи упатството на производителот за да крајниот резултат биде задоволителен. Важните предуслови се обезбедување на чиста, стабилна, цврста и мазна подлога, со пад од 1-2 % за да се обезбеди непречено оттекување на вода под композитниот под.
Погрешен начин на монтирање може да доведе до намалена издржливост и оштетување на даските, затоа секогаш е нај добро монтажата да се довери на искусни монтери.
Не треба да се дозволи подолготрајно задржување на снег, ниту пак таложење на нечистотии. Пожелно е периодично чистење на површината со вода и четка, а евентуални дамки можат да се третираат внимателно со шмиргл хартија.
Композитниот под наоѓа примена во откриени и наткриени тераси, стази, површини околу базени, итн. Не е препорачлив за затворени простори без вентилација.